Псориjазата е една од најраспространетите дерматози, која се карактеризира со еритемо-папуло-сквамозни промени со карактеристична локализација, но понекогаш ја опфаќа целата кожа, а кај дел од болните се развиваат и артропатии.
Етиологија и патогенеза
Постојат многу хипотези за појавата на ова заболување-вирусна,имунолошка, метаболна, невролошка, генетска и други.
Фактори кои можат да придонесат за појавата на ова заболување се:
- Физички фактори – повреди, зрачење и др.
- Медикаментозни – тетрациклини, литиумски препарати, антималарици и др.
- Инфекции – најчесто вирусни
- Стресни ситуации
При псоријазата се забележува забрзана пролиферација на епидермалните клетки, на тој начин што циклусот на нивниот развој (времето за регенерација) е до 7 дена, додека кај нормалниот епидермис е средно 28 дена. Поради овој факт што пролиферативната активност на епидермисот при псоријазата е зголемена средно за 4 пати, епидермалните клетки не ја достигнуваат целосната зрелост, што води до патолошка кератинизацја (паракератоза). Исто така, кај некои пациенти се прати и нарушување во метаболизмот – хипергликемија, хиперхолестеролемија, промени на некои ензими, витамини (А, Б11, Б12), минерали и др.
Симптоми
Симптомите се различни, во зависност од локализацијата, карактерот, големината на лезиите и други.
Локализација
Најчесто симетрично ги опфаќа екстенозрните површини на екстремитетите (најчесто лактите и колената), стомакот, градите, главата (во косата), нозете, гениталиите и многу ретко дланките и стапалата, лицето и други.
Карактер на осипот
Еритемни дермо-епидермални папули со бледорозова (кај посвежите елементи) до темноцрвено-сивкава боја (кај постарите лезии), површината на елементите е покриена со суви сребренобели сквами.
Големина
Големината на зафатените делови на кожата варира од неколку мм до неколку см, како постепено поради периферното проширување , се спојуваат и образуваат дамки со различна форма, кои може да достигнат големи размери, до целосно опфаќање на кожата (Erythrodermia psoriatica)
Карактеристични знаци на псориjатичните промени
знак на стеаринска дамка или капка од свеќа – при обид да се отстранат сквамите тие се распаѓаат лесно како бел прав
- знак на Auspitz – при постепено продолжено лупење на сквамите се појавуваат точкести крварења, т.н. крвава роса
- знак на Воронов – се набљудува бледа ареола околу лезиите
- феномен на Kobner – се изразува во тоа што кожата реагира со псоријазен осип најчесто на механичка повреда
- псоријазна дисхромија – леукодерма (депигментирани дамки) и меланодермија (хиперпигментирани дамки), кои се појавуваат најчесто после лекувањето.
- недостиг на субјективни симптои кај повеќето болни
Промени на ноктите
Се забележуваат кај 1/3 од болните. Понекогаш тие можат да бидат првиот и единствен симптом. Најчесто се забележуваат точковидни депресии, субунгвална хиперкератоза, недостиг на епонихиум и др.
Форми
Psoriasis vulgaris – најчестата форма,при која најчесто се засегнати екстензорните делови на екстремитетите, стомакот, градите, капилициумот и др.
Psoriasis verrucosa – со изразена хиперкератоза
Psoriasis exudativа – со лесна ексудација и образување на сквамо-крусти,
Psoriasis pustulosa – појава на пустули врз еритемна основа,
Erythrodermia psoriatica–засегната е целата кожа на телото.
Псоријазна артропатија (Arthropathia arthritis psoriatica) – Најчесто зафаќање на зглобовите настапува 3-5 години по појавата на кожните промени,па макар и ретко артропатијата може да настане едновремено со појавата на кожните промени или да се појави и пред тоа)
Еволуција на болеста
Ова заболување обично поминува низ неколку статиуми-прогресивен (еруптивен), стабилизација и регенерација. Обично не настанува целосно исчезнување на псоријазните промени, а остануваат т.н. дежурни дамки. При околу 20% од пациентите се набљудува спонтана ремисија, но под влијание на различни фактори настанува рецидив.
Дијагноза
Хистопатологија, кај 1/3 од пациентите се откива зголемено ниво на шеќерот во крвта, холестерол, ензими на црниот дроб и др. Ревматоидните фактори се неативни кај 90% од пациентите.
Терапија
- Локална – за остранување на сквамите се употребува салицилна киселина 5% во течен или мрсен вехикулум, препарати на уреа – чисти или во комбинација со салицилна киселина, понатаму лекови за намалување на хиперпролиферацијата на клетките, за намалување на воспалението-кортикостероиди (за краток период од време) – чисти, или во комбинација со салицилна кислеина, Витамин Д3 и др.
- Во лекувањето може да помогне и народната медицина, секако со препорака од лекар.
- При генерализирани и резистентни на локална терапија пациенти – etretinat. При потешките случаи се даваат и цитостатици. Исто така се препорачува примање на нестероидни антиинфламаторни лекови и др. при артропатија. Од витамините ќе ги споменеме – Витамин Б11, Витамин Б12.
- Физиотерапија
- Диета – ограничен прием на продукти од животинско потекло и избегнување на јаглехидрати. Во секојдневната исхрана да се вклучат повеќе плодови, зеленчуци, млечни продукти и др.
Превенција
За да се избегнат тешки рецидиви се препорачува при можност одмор на море.
Народна медицина
Народната медицина користи масти и мелеми на природна основа и може да помогне во одредени случаи.
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување