Што претставува Болеста на мачкина огреботина (Cat Scratch Disease – CSD)?

0

Болеста на мачкина огреботина претставува болест пренесена од животно на човек (зооноза) која не може да се пренесе од човек на човек, предизвикана од бактеријата Бартонела хенселе (Bartonella henselae). Мачките се најчест резервоар на бактеријата, а луѓето најчесто се заразени од каснатина или огреботина од мачка. Иако од оваа болест може да настрада било која личност, статистички почесто се јавува кај децата и старите лица.

Кога треба да се посомневате дека имате CSD?

Симптоми:

На местото на влезната рана, за 3-14 дена од каснатината/огреботината се јавува локална реакција на воспалителен процес со црвенило и папула.

За неколку месеци локалните лимфни јазли се зголемени, зафатени од воспалителниот процес.

Потоа процесот се шири по лимфниот тек, најчесто до аксиларните (потпазувни жлезди), а неретко и до мозокот правејќи негово воспаление (енцефалитис).

Овие локални симптоми се следени со општи, како: малаксаност, треска, главоболка и намален апетит.

Во 5-10% од случаите се јавуваат други форми на болеста:

  • Очна инфекција;
  • Оштетување на слезината и црниот дроб;
  • Воспаление на мозокот.

Третман

  • Антибиотици не се користат бидејќи покажуваат минимален успех;
  • Симптоматската терапија овозможува смирување на симптомите;
  • Болеста знае спонтано да се повлече во некои случаи;
  • Во случаи кога лимфните јазли се значително воспалени и болни, а болеста понатаму се шири, потребно е да се направи хирушка инцизија и дренажа на лимфните јазли, а емпириски во тие случаи се оди паралелно со антибиотски третман.

Како да постапите ако ве каснала или изгребала мачка?

Веднаш измијте го местото со топла вода и сапун.

Никако не дозволувајте мачката да ја лиже вашата рана!

Превентивни мерки

Вашето милениче вакцинирајте го и носете го на редовни контроли кај вашиот ветеринар.

Не дозволувајте децата да си играат со мачки скитници!

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

Д-р Илина Гаџевска е родена на 13.01.1986 во Скопје. Средно образование завршува во Д.С.М.У. „Д-р Панче Караѓозов“ - Скопје во 2004 год. Со називот Доктор на општа медицина се здобива во 2010 год. со завршување на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ - Скопје. Со лиценца за работа од Лекарската комора на Р.М. се стекнува во 2011 год. Моментално е на специјализација по општа хирургија. Имам многу позитивно мислење за оваа идеа и проект. Како што е запишано во многу медицински книги: „Ако постои добра едукација и превенција, нема да има болести за лекување.“ Редно беше да постои ваков креативен, модерен и ефективен начин тоа да се спроведе.