Како да се навикнете на тоталната протеза

  Постојат повеќе проблеми кои се јавуваат како последица на тоталната протеза. Ваквата протеза претставува “нова состојба” во устата на пациентот. Некои пациенти лесно ја прифаќаат, но кај некои се јавуваат потешкотии додека да се привикнат на неа. Во продолжение ви претстауваме неколку начини за полесно навикнување на тоталната протеза.

 

  •  Нелагодност и болка – Пациентот може да чувствува нелагодност и болка во некој дел од вилицата бидејќи протезата се изработува во статички услови. Потребно е да се изврши контрола кај стоматолог и притоа да се направи корекција на протезата. Доколку протезата силно притиска на некое место, не треба да се носи. Пациентите најчесто прават грешка со тоа што постојано ја носат и покрај тоа што чувствуваат болка бидејќи сметаат дека доколку се упорни полесно би се прилагодиле на тоталната протеза.
  • Нестабилна протеза – Протезата секогаш има одредено микродвижење, но не смее многу да се изместува или да се клати. При ваков случај потребно е да се изврши корекција на протезата или во краен случај да се изработи нова.
  • Протезата “паѓа” – Доколку при изработката на протезата погрешно е одредена границата, тогаш протезата може да “паѓа” доколку е во прашање горна тотална протеза или да “излетува” доколку се работи за долна тотална протеза. Во ваков случај потребно е да се изработи нова протеза.

  • Пациентот тешко јаде со протезата – За ваков случај во прашање се вежба, навика и самоконтрола на пациентот. Во почетокот пациентот треба да јаде помека храна но не кашеста и тоа да џвака од двете страни истовремено. Со ваквата вежба може да се навикнат да јадат и пациенти кај кои има анатомски неповолни ситуации.
  •  Пациентот тешко зборува – Причина за ова може да биде нестабилноста на протезата или доколку предните заби за малку подолги или подебели. Протезата во устата го смалува просторот за јазикот и затоа некои пациенти го чувствуваат тоа. Во ваков случај пациентот треба да чита на глас, да пее и да држи кисела тврда бомбона во устата. При “ вртењето ” на бомбоната во устата се добиваат два основни ефекти и тоа прво доаѓа до зголемено лачење на плунка во устата што е од големо значење бидејќи во првите неколку денови количеството на плунка може да биде недоволно. Второ, јазикот се навикнува на смалениот простор и пациентот за неколку денови почнува нормално да ја прифаќа протезата.
  •  Пациентот има чувство дека протезата е преголема и има нагон за повраќање – Протезата МОРА да има одредени димензии. Доколку на пациентот тоа му смета, треба да се разгледа можноста протезата малку да се скрати само во случај кога нема да биде нарушена нејзината стабилност. За да се намали нагонот за повраќање, потребно е пациентот да се потруди кога ја носи протезата (макар и 1 минута) да диши на нос. Ова време со вежба би се продолжило и за неколку дена пациентот би се навикнал да ја носи протезата постојано.

  • Пациентот има чувство дека протезата е страно тело – Протезата навистина е страно тело. Навикнувањето на протезата е процес кој може да трае и подолго време. На пациентот треба да му се објасни што претставува протезата и што реално може да очекува. Психолошкиот отпор може да го реши само самиот пациент. Доколку пациентот одлучи да ја носи протезата тој ќе ја носи.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или ремитување

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!