Жалфија: природен антибиотик кој го чисти црниот дроб и делува антимикробно

Жалфијата е билка позната во традиционалната медицина уште од најстари времиња. Нејзиното латинско име, Salvia officinalis  во превод значи нешто да се спаси и излечи.

За што се користи жалфијата?

Уште од најстари времиња оваа билка ја користеле и Старите Римјани за лекување на различни болести.

Сè до откривањето на антибиотиците, чајот од жалфија луѓето го користеле при воспаление на грлото, малаксаност, воспалувања кај внатрешните органи, за вагинални испирања, за габични инфекции.

Од медицинска смисла, жалфијата се смета за антибиотик со широк спектар.

Се применува и за регулирање на потењето за време на климакс, при пореметувања во месечниот циклус, за зајакнување на нервите, за прочистување на црниот дроб и при реуми.

Листовите од жалфија се употребуваат за чистење на забите и гингивата, а денес скоро во секоја паста за заби се додава екстракт од жалфија. Оваа билка се употребува и како зачин.

Има влијание и на процесот на варење на храната и излачувањето на жолчката. Се користи за намалување на лачењето на плунка при Паркинсонова болест.

Доилките кои сакаат да престанат со доењето треба да ја употребуваат секојдневно за да им се намали продукцијата на млеко. Жалфијата се употребува и за релаксација, при нервоза, напнатост и вртоглавица.

Се применува и при намален имунитет, нервна исцрпеност како и при слаба меморија и концентрација. Жалфијата се наоѓа и како состојка во кремите против различни инфекции на кожата и во шампоните против првут.

На кој начин делува жалфијата?

Жалфијата делува антисептично, па затоа се применува за испирање на грлото при воспаление на грлото и при афти.

Таа делува и спазмолитично и антимикробно, се употребува за инхалации кај астматичари, при бронхитис, но и кај инфекции на дишните патишта.

Го намалува потењето и излачувањето на плунка. Жалфијата е природен конзерванс затоа што делува и антимикробно.

Благодарение на својството да го спречува развојот на вирусите, се применува и во мастите против херпес.

Делува и адстригентно, па затоа се применува и надворешно за спречување на крварењето на раните, но и за дезинфекција на раната.

Во кој случај не смее да се користи жалфијата?

Жалфијата не смеат да ја употребуваат бремени жени, доилки и епилептичари. Долготрајната интерна употреба може да ја зголеми склоноста на конвулзии предизвикани од нејзината состојка  тујон кој е невротоксичен.

Со кои лекови не смее истовремено да се применува жалфијата?

Теоретски не се препорачува употреба на жалфијата со антиконвулзивите.

Авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

Др. Кристина И. Стојаноска Алоска е родена во Охрид, 1984 година. Средно образование завршува во родниот крај, во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно- математичка насока, во 2003година. Дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Со работна лиценца за доктор по стоматологија се стекнува по положување на државниот испит во 2009 година. Во соработка со ОО Црвен крст - Охрид издава две брошури поврзани со оралното здравје. По повод Неделата на забоздравствена заштита, во 2014 ја издава Брошурата „ГРИЖА ЗА ЗАБИТЕ“ наменета за најмладите во која се опишани правилата за здрави заби што треба секое дете да ги знае. Следната, 2015 година, за истата цел ја издава брошурата „НАСМЕВКА БЕЗ КАРИЕС“, на малку повисоко ниво, наменета за сите родители и деца, во која се опишани сите нешта поврзани со кариесот и тоа како да се спречи. Во 2017 година издавачката куќа ЕДУКА МАК ја издава нејзината книга со 10 раскази на тема орално здравје, напишани како поезија во проза, со наслов „НАСМЕВКА ЗА ПЕТКА“. Работна пракса како доктор на стоматологија извршува во Стоматолошката ординација "ЕТАДЕНТ" во Охрид, чиј сопственик е од 2019 година. Доктори.мк е портал кој на популацијата и овозможува да согледа многу проблематики од областа на здравството и да научи многу совети и факти за животот , исхраната и здравјето. Мапата претставува одличен и најбрз начин преку кој може да се лоцира доктор или некоја медицинска установа. Особена чест и огромно задоволство ми претставува што сум дел од тимот на Доктори.мк и искрено се надевам дека преку моите статии читателите на Доктори.мк ќе научат многу проблеми од областа на стоматологијата. Доктори.мк според мене е par excellence портал од областа на здравството во Македонија. Големо БРАВО за основачите!!!