Апикотомија – спас за забот

0

Понекогаш, стоматолошките интервенции можат да звучат многу позбунувачки и позастрашувачки отколку што навистина се, најверојатно поради нивните медицински називи и самиот збор “операција” што понекогаш го вклучуваат во себе. Така што, доколку стоматологот ви каже дека треба да се направи операција на забот – апикотомија, сигурно би се запрашале што всушност тоа значи, што опфаќа самата процедура и пред се дали ќе боли?

 

Што преставува и кога е потребна апикотомијата?

Во следниов текст ќе се обидам тоа да ви го објаснам на поедноставен начин. Апикотомија претставува орално-хируршка интервенција при која се отстранува врвот на коренот на забот. Заедно со врвот се отстранува и присутниот патолошки процес, т.е. инфекција, гранулом, циста. Инфекцијата најчесто настанува од нетретиран кариес, кој продолжува во пулпит односно го зафаќа нервот на забот, кој пак преминува во пародонтит, т.е. инфекцијата излегува надвор од коренот, во коската и тука може да се ограничи или да се шири дифузно. Во голем број случаи, доколку инфекцијата е со помал размер, прв избор за лекување и зачувување на забот во уста (што е и примарна цел) е ендодонтски третман, кој опфаќа чистење на коренскиот канал, апликација на медикамент и затварање со дефинитивно полнење. Меѓутоа, доколку и покрај добро изведениот ендодонтски третман не дојде повлекување на истата од околното коскено ткиво,како и доколку се работи за процес со поголеми димензии, тогаш терапија од избор е апикотомија.

 

Што опфаќа самата процедура?

Најпрво пред да се почне со било каква интервенција, потребно е да се направи рентген слика од соодветниот заб и околното коскено ткиво. Потоа, локално се аплицира анестезија со што се елиминира било каква болка при самата интервенција. Следен чекор е правење на инцизија – рез на слузокожата над соодветниот заб, потоа одделување на периостот и слузокожата (мукопериостално ламбо) од коската и негово подигнување. Следи отстранување на коската и пристапување до врвот на коренот и патолошкиот процес, при што тој се чисти во целост, а исто така се врши и ресекција (скратување) на врвот неколку милиметри. Откако ќе се осигураме дека процесот е во целост исчистен, се прави тоалета на раната и мукопериосталното ламбо се враќа во првобитната состојба и се сутурира (шие) со неколку конци.

Постоперативен период

Во постоперативниот период, потребно е да се аплицираат ладни облоги наредните 10-тина часа, доколку има потреба може да се ординираат антибиотици. По престанокот на анестезијата, можна е појава на болка при што треба да се земе некој аналгетик. Може да се појави оток на самото место, најчесто наредното утро, меѓутоа постепено исчезнува во наредните денови. Во текот на првиот ден, не смее да се јаде тврда и жешка храна, не смее да се подига усницата за да се “проучува” местото, забите се мијат нормално, само повнимателно околу соодветниот заб. Конците се вадат по една недела од интервенцијата.

Значи, доколку вашиот стоматолог ви препорача дека е потребна апикотомија на одреден заб нема потреба од прекумерно страв, напротив, треба да ви биде мило затоа што сеуште постои можност тој заб да се спаси.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

објавено на 2011-03-20

Др. Петар Вршковски, роден 1985 год во Битола, средно медицинско училиште-забен техничар завршува 2004, дипломира на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” - Скопје во 2009 год. Од 2010 работи во ПЗУ “Максидент- Вршковски“-специјалистичка ординација по максилофацијална и орална хирургија во Битола, а од 2011 год. е на специјализација по орална хирургија при Стоматолошкиот факултет, Универзитет “Св.Кирил и Методиј “- Скопје. Учесник е на повеќе конгреси и семинари од областа на стоматологијата. Доктори.мк е одличен начин пациентите да се запознаат со медицински поими и состојби, занимливи факти, интересни и корисни совети за животот, исхраната и здравјето, како и можност да лоцираат доктор или медицинска установа. Ја поздравувам оваа идеја и секоја чест на основачите за нивната амбициозност, креативност, фокусираност и посветеност. САМО НАПРЕД СО ГАЛОПИРАЧКИ ЧЕКОРИ!