HPV и мажите

0

Многу ретко станува збор за инфекција со ХПВ кај мажите, а уште помалку се обрнува внимание на последиците кои таа може да ги донесе.

ХПВ (Human Papilloma Virus) е чест вирус. Повеќето сексуално активни луѓе (над 75 %) ќе се инфицираат со ХПВ во текот на животот. Повеќе од 40 типови на ХПВ се пренесуваат преку сексуален контакт. Овие типови може да ја афектираат гениталната регија на мажот, вклучувајќи ја кожата на и околу пенисот и аналниот отвор. Исто така, ХПВ вирусите меѓу другите регии од телото, можат да ги нападнат и устата и грлото.

 

Кои се здравствените проблеми што ги предизвикува ХПВ инфекцијата кај мажите?

Најголем број од мажите кои добиваат ХПВ инфекција никогаш не развиваат некакви симптоми и не се здобиваат со одредени здравствени проблеми. Но, одредени типови на ХПВ можат да предизвикаат генитални брадавици. Други типови можат да предизвикаат пенилен, анален или орофарингеален карцином. Типовите на ХПВ кои доведуваат до генитални брадавици не се истите со типовите на ХПВ кои доведуваат до карцином. Аналниот карцином не е исто што и колоректален карцином. Колоректалниот карцином е многу почест, но не е предизвикан од ХПВ инфекција.

Колку се чести здравствените проблеми кај мажите кои се должат на ХПВ инфекција?

Во недостиг на информации за ХПВ инфекцијата кај мажите во Македонија, ќе се обидам сериозноста на ова прашање да ја доловам со неколку бројки од статистиката на САД:

  • Околу 1% од сексуално активните мажи во САД ќе се здобијат со генитални брадавици;
  • Секоја година во САД има околу:

– 400 случаи на мажи кои добиле пенилен карцином поврзан со ХПВ инфекција,

– 1500 случаи на мажи кои добиле анален карцином поврзан со ХПВ инфекција,

– 5600 случаи на мажи кои добиле орофарингеален карцином (Забелешка: многу од овие карциноми, исто така, можат да бидат поврзани со употреба на алкохол и цигари).

Зошто некои мажи се повеќе склони да развијат ХПВ-поврзани болести во однос на другите?

  • Мажите кои имаат хомосексуални односи имаат 17 пати поголема шанси да развијат анален карцином во однос на мажите кои имаат само хетеросексуални односи.
  • Мажите со ослабен имун систем, вклучувајќи ги и оние кои имаат ХИВ инфекција, се повеќе склони да развијат анален карцином. Мажите со ХИВ инфекција, исто така поседуваат поголема склоност да се здобијат со потешки случаи на генитални брадавици кои потешко се третираат.

Кои се знаците и симптомите на ХПВ инфекцијата кај мажите?

Повеќето мажи кои имаат ХПВ инфекција никогаш не развиваат никакви симптоми или здравствени проблеми. Но, за тие кои развиваат здравствени проблеми, еве некои од знаците и симптомите на кои треба да се обрне внимание:

Генитални брадавици:

  • Најчесто се предизвикани од типовите ХПВ-6 и ХПВ-11.
  • Една или повеќе брадавици растат на пенисот, тестисите, препоните, бутовите или аналниот отвор.
  • Брадавиците можат да бидат единечни, групирани, испакнати, зарамнети или со карфиолест облик. Тие вообичаено не болат. Може да се јави јадеж.
  • Брадавиците можат да се јават по неколку недели или месеци од сексуалниот контакт со инфицирано лице.

Анален карцином:

  • Понекогаш нема знаци или симптоми.
  • Анално крварење, болка, чешање, или исцедок.
  • Отечени лимфни јазли во аналната или препонската (ингвиналната) регија.
  • Промени во празнењето на цревата или во обликот на столицата.

Пенилен карцином:

  • Први знаци: промени во бојата, задебелување на кожата или израсток на пенисот.
  • Подоцнежни знаци: израсток или улкус на пенисот. Вообичаено е безболно, но во одредени случаи, улкусот може да биде болен и да крвари.

Орофарингеален карцином:

  • Гушоболка или болка во увото која не исчезнува.
  • Постојана кашлица.
  • Болка или проблеми со голтањето или дишењето.
  • Губење на телесна тежина.
  • Зарипнатост или промени во гласот кои траат повеќе од 2 недели.
  • Израсток или маса во вратот.

 

До неодамна карциномите на главата и вратот примарно беа дијагностицирани кај постари лица над 60 години и вообичаено беа поврзани со пушење цигари и консумирање алкохол повеќе од 20 години. Денес, околу 70% од овие карциноми се резултат на ХПВ инфекција и се повеќе ги зафаќаат младите луѓе.

Како мажите добиваат ХПВ?

ХПВ инфекцијата се пренесува преку генитален контакт – најчесто за време на вагинален или анален сексуален контакт. ХПВ инфекцијата исто така може да се пренесе за време на орален секс. Но, возможно е да се пренесе инфекцијата и без пенетрирачки сексуален однос, само со контакт кожа-кожа во аногениталната регија. ХПВ инфекцијата поверојатно е дека ќе се пренесе кога се присутни генитални брадавици, меѓутоа вирусите можат да се пренесат дури и кога нема видливи брадавици. Бидејќи ХПВ инфекцијата вообичаено не дава симптоми, повеќето мажи и жени можат да се инфицираат со ХПВ и да ја пренесат инфекцијата на други – без да сфатат дека ја имаат. Луѓето можат да имаат ХПВ дури иако поминале многу години од нивниот последен сексуален однос. Дури и мажите со само еден сексуален партнер во текот на целиот живот можат да се инфицираат со ХПВ. Возможно е да постои истовремена инфекција со неколку типови на ХПВ.

Дали ХПВ инфекцијата значи дека партнерот ве изневерува?

Скорешна дијагноза на аногенитални брадавици или ХПВ-асоцирани преканцерозни или канцерозни лезии не значи дека партнерот бил неверен. Инфекциите со ХПВ може да се случиле пред неколку години и вирусот може да остане во телото со недели, години, дури и цел живот, без знаци за каква било инфекција. Ова не дозволува да се дознае кога и од каде некој го добил вирусот. Не постои начин да се дознае колку долго одредена инфекција била веќе присутна. Повеќето луѓе со аногенитална ХПВ инфекција не се свесни за нејзиното присуство.

Дали постои тест за ХПВ кај мажите?

Во моментов не постои тест со кој ќе се открие присутвото на ХПВ кај мажите. Единствените дозволени ХПВ тестови на пазарот не се корисни за спроведување на скрининг за ХПВ-поврзани карциноми или генитални брадавици кај мажите (ХПВ-ДНА типизација).

  • Скринингот за анален карцином не се препорачува рутински бидејќи потребни се повеќе информации за да се открие дали скринингот и follow-up интервенциите ги превенираат овие карциноми. Како и да е, некои експерти препорачуваат годишни анални ПАП тестови за скрининг за анален карцином кај хомосексуалци и бисексуалци и кај ХИВ–позитивни лица, бидејќи овој тип на карцином е почест кај оваа популација.
  • Не постои одобрен тест за откривање на генитални брадавици кај мажите или жените. Како и да е, во повеќето случаи можете да ги видите гениталните брадавици. Ако мислите дека имате генитални брадавици, треба да посетите доктор.
  • Не постои тест за мажите со кој се проверува целокупниот “ХПВ статус”. Но, ХПВ инфекцијата вообичаено поминува сама по себе, без да предизвика

  • здравствени проблеми. Така што ХПВ инфекцијата која постои денес, најверојатно нема да биде тука после една до две години.
  • Не постои скрининг тест за пенилен карцином.
  • Можете да направите самопреглед за да откриете извесни абнормалности на пенисот, скротумот или околу аналниот отвор. Посетете го вашиот доктор ако забележете брадавици, пликови, улкуси, беличасти налепи, или други абнормалности – дури иако тие не се болни.

Дали постои третман или лек за ХПВ?

Не постои третман или лек за ХПВ. Но, постојат опции за третирање на здравствените проблеми кои ги предизвикува ХПВ инфекцијата кај мажите.

 

Генитални брадавици: Можат да бидат третирани со лекови, да се отстранат хируршки, или да се замрзнат (криотерапија). Но, брадавиците често пати се повторуваат после неколку месеци од третманот – па можеби ќе бидат потребни неколку третмани. Лекувањето на гениталните брадавици не значи дека ќе се намалат шансите за пренос на инфекцијата на сексуалниот партнер. Поради ова, некои мажи одбиваат да ги третираат гениталните брадавици. Ако не се третираат, прогнозата е следна: можеби ќе исчезнат сами од себе, ќе останат исти или ќе се зголемат (во големина или во број). Гениталните брадавици нема да преминат во карцином.

Пенилен, анален, или орофарингеален карцином: Можат да се третираат со хируршки третман, со радио- и хемотерапија. Често пати се користат два или повеќе третмани заедно.

Дали постојат начини со кои би можеле да се намалат шансите за добивање на ХПВ?

Иако кондомите не го елиминираат ризикот од ХПВ инфекцијата, употребата на кондом, постојано и правилно, за време на вагинален, анален или орален сексуален однос ја намалува шансата за добивање на ХПВ или за пренесување на вирусот на партнерот. Морате да запомнете дека кондомот ја штити само областа која ја покрива, така што возможно е да се инфицирате од некои непокриени брадавици (на пр. на скротумот). Употребата на кондом ќе ве штити и од други сексуално преносливи болести и ги намалува шансите за несакана бременост.

Други начини за намалување на ризикот од инфекција се: одложување на почетокот на сексуалната активност (почекајте да бидете повозрасни), лимитирање на бројот на сексуални партнери и секако, размислете за сексуалната историја на партнерот бидејќи тоа ве доведува вас во ризик (на пр. доколку партнерот имал многу претходни сексуални партнери).

Вакцини и друга превенција

ХПВ вакцините штитат од нови ХПВ инфекции и не ги лечат веќе постоечките ХПВ инфекции или болести (како гениталните брадавици). Најефективни се кога ќе бидат дадени пред првиот сексуален однос, односно пред личноста да биде експонирана на ХПВ. Постоечките докази велат дека вакцината може да ги заштити мажите од гениталните брадавици и анален карцином. Возможно е вакцината да штити и од другите ХПВ-асоцирани карциноми како пенилниот и орофарингеалниот карцином, меѓутоа се уште не постојат цврсти докази.

И секако, најцврстата заштита – апстиненција од сексуални односи, бидејќи и лица кои имале само еден сексуален партнер во текот на целиот живот можат да добијат ХПВ инфекција.

Во секој случај пациентите треба да се охрабруваат да ги минимизираат оние сексуални активности и однесувања кои ги ставаат во ризик, што би значело редуцирање на оралниот и аналниот сексуален однос. Статистиката вели дека околу 90% од мажите и жените имале орален сексуален однос со својот партнер, а 30-40% од мажите и жените имале анален сексуален однос. Овие бројки, комбинирани со новите податоци за стапките на карциноми на главата и вратот, можат да ги направат поургентни препораките за вакцинации.

За крај

Запомнете дека ХПВ инфекциите се чести. Луѓето не треба да се осудуват негативно поради тоа што имаат сексуално пренослива инфекција бидејќи тоа не е одраз на карактерот на личноста. Важно е да се сфати дека дури и со ХПВ или друга сексуално пренослива инфекција се уште е можно да се води здрав балансиран живот, вклучувајќи и задоволителен сексуален живот. Доколку имате ХПВ инфекција, тоа нужно не значи дека ќе развиете карцином.

Д-р Памела Илиоска е родена на 13.11.1985 год. Основното и средното образование го завршува во Македонски Брод. Дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје во 2010 година со среден просек 9.97. За време на средното образование учествува во бројни проекти, дебатни кампови и натпреварувања во организација на Младинскиот Образовен форум, School Connectivity Project и E-School Project. Меѓу нив посебно се издвојуваат: учеството на Интернационалниот конгрес на Southeast Europe School Connectivity Project во организација на Catholic Relief Services и едномесечниот престој на Towson University, Балтимор, Мериленд (јули, 2003), како дел од SEEYLI (The South East Europe Youth Leadership Institute)/ програма на американскиот Стејт департмент во соработка со Институтот Отворено Општество и IDEA. За време на студиите учествува на неколку семинари и конгреси, меѓу кои е и освоеното 3-то место на 31-от Интернационален Медицински Научен Конгрес за усна презентација на темата " The onset and prognosis of the hepatorenal syndrome". Во јули-август 2009 година остварува едномесечен престој на одделот за кардиологија на Првиот Карлов Универзитет во Прага, Р.Чешка. Во јануари 2011 год., во Белград, учествува на тренинг модулот за " Scientific writing and publishing" во рамките на проектот Focus-Balkans. -Овој интернет портал е пријатно освежување за интернет страниците потпишани од македонски креатори, кој несомнено изгледа како светските сајтови за e-health или е-medicine. Убаво е чувството кога гледате млади колеги кои се залагаат за промоција на здравствената култура во Македонија, зашто една од основните работи во животот е да се биде добро и навремено информиран. Уметноста на живеењето е во секој од нас, a секојдневна потреба е да се има образование со широки погледи. Затоа, читајте доктори.мк и не заборавајте да примените некој од многуте корисни совети ! :)