Синдром на хроничен замор (СХЗ; Chronic Fatigue Syndrome – CFS)

0

Исцрпеност, болка, симптоми слични на грип

Синдромот на хроничен замор е многу повеќе од само чувство на претеран замор или истоштеност. Луѓето со СХЗ се во толку лоша состојба што нивниот нормален живот е нарушен или воопшто не можат да функционираат. Некои луѓе со СХЗ изјавуваат дека не можат во целост да ги исполнат задолженијата и да одговорат на обврските, додека пак другите, се сериозно болни и дури “врзани” за кревет. Тие не се справуваат само со екстремниот замор, туку и со низа други симптоми вклучувајќи ги симптомите слични на грип/настинка и хронична болка.

 

После многу години на истражувачка работа, експертите сега се сомневаат дека т.н. состојба централна сензитивизација е барем делумно одговорна за СХЗ. Тие исто така веруваат дека овој синдром е многу сличен на фибромијалгијата.

Инфективни агенси – предизвикувачи на СХЗ

CDC (Centers for disease control and prevention) изјавува дека првиот веродостоен доказ за биолошката основа на СХЗ е во 2006 год., кога 20 истражувачи од различни области ја поврзаа болеста со гените вклучени во симпатичкиот нервен систем и оската хипоталамус-хипофиза-надбубрежна жлезда. Овие гени го контролираат одговорот на телото на стрес и повреда.

 

Многу истражувачи веруваат дека барем некои случаи на СХЗ се предизвикани од абнормална реакција на вообичаените инфективни агенси. Состојбата експериментално се поврзува со Epstein-Barr вирус, human herpesvirus 6 (HHV-6) и Лајмската болест, иако студиите не обезбедија конзистентна каузална поврзаност. Како и да е, бројни студии предложија дека имунолошкиот систем кај лицата со СХЗ може да биде хронично активен, што делумно може да го објасни заморот и недостатокот на енергија – всушност, телото мисли дека се бори со инфекција, без разлика дали таа вистински постои или не, а сето тоа бара многу енергија.

Доказите за активација на имуниот систем вклучуваат:

  • Високи нивоа на про-инфламаторни цитокини;
  • Намалена функција на клетките природни-убијци (natural killer cells);
  • Присуство на автоантитела (антитела кои ги напаѓаат сопствените ткива);
  • Намален одговор на Т-клетките кон специфичните инфективни агенси.

Литературата за СХЗ (под различни имиња) датира од 1700-тите години. Низ вековите, оваа состојба е погрешно припишувана на различни причинители и дури сега станува подобро сфатена од страна на медицинската наука. Денес оваа состојба официјално се нарекува мијалгичен енцефаломиелитис/синдром на хроничен замор или скратено, МЕ/CFS (myalgic encephalomyelitis/chronic fatigue syndrome.

Ризик фактори за СХЗ

Луѓето без разлика на возраста, полот, етничката припадност и социоекономските групи може да имаат СХЗ.

СХЗ се јавува 4 пати повеќе кај женскиот пол.

Синдромот е најчест во 40-50-тите години од животот.

Иако овој синдром е многу поредок кај децата во однос на возрасните, и децата може да боледуваат од СХЗ, особено во тинејџерските години.

Симптоми на СХЗ

Симптомите и нивниот интензитет варираат од личност до личност.

Вообичаените симптоми вклучуваат:

  • Ненадеен тежок замор, особено по некоја настинка;
  • Сон кој не делува позитивно и освежувачки;
  • Болки во мускулите и зглобовите, без оток;
  • Интензивни или променливи карактеристики на главоболките;
  • Гушоболка;
  • Отечени лимфни јазли во вратот и пазувите;
  • Проблеми со меморијата/неспособност за концентрација;
  • Симптомите имаат различен почеток.

 

Други симптоми може да бидат:

  • Нетолеранција на алкохол;
  • Синдром на иритабилно црево;
  • Суви очи и уста;
  • Нарушена циркулација во рацете и нозете;
  • Проблеми со видот;
  • Болни менструални периоди (дисменореа).

За да се класифицира заморот како сериозна состојба, мора да бидат опфатени следните 4 критериуми:

1. Заморот не се намалува со спиење и мирување/одмор.

2. Не претставува резултат на прекумерен физички напор.

3. Значително ја намалува способноста за нормално функционирање во повеќето ситуации.

4. Особено се влошува после ментални или физички вежби, или откако ќе се разболите.

Дијагноза на СХЗ

Според најновите препораки на CDC, за да се постави дијагноза за СХЗ (ME/CFS), пациентот мора да чувствува замор што ги попречува нормалните активности повеќе од 6 месеци, а истото не може да се припише на други идентификувани медицински или психолошки проблеми.

Третман на СХЗ

Оваа состојба се јавува кај повеќе од еден милион жители во САД.

Вообичаените групи на лекови употребени во третманот на СХЗ се: антидепресиви, антивирусни лекови, антиалергиски медикаменти (антихистаминици), нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) – како ибупрофен и напроксен и имуномодулатори.

Исто така се истражуваат психостимулансите (пр. дексамфетамин, кои што помагаат со меморијата и проблемите со концентрацијата; Д-рибоза, којашто ја подобрува целуларната функција и може да помогне со енергијата, сонот, менталната свесност и намалување на болката) и антибиотиците, кои може да го поткрепат имуниот систем.

Некои лекари препорачуваат промени во диететските навики, хербални или нутритивни суплементи, хомеопатски лекови, јога и акупунктура.

 

Бидејќи СХЗ може да биде екстремно стресна ситуација, и може да се влоши при самиот стрес, некои пациенти со оваа дијагноза имаат бенефит од советување, групи за поддршка и техники за намалување на стресот.

Третманот на СХЗ во основа треба да биде индивидуализиран – не постои стандарден третман кој важи за сите. Синдромот на хроничен замор не е добро проучен, и медицинската заедница е поделена во однос на тоа кој третман е најсоодветен. Клучот претставува пронаоѓање на вистинската комбинација на третмани кои се соодветни за поединецот.

Режимот на третман на СХЗ може да вклучи комбинација на следното:

  • Лекови;
  • Нутритивни суплементи;
  • Диета;
  • Промени во начинот на живот;
  • Когнитивна бихејвиорална терапија;
  • Терапија со градуирани вежби;
  • Други алтернативни третмани.

Стапките на опоравување се нејасни. Стапките на подобрување варираат од 8%-63% во една студија од 2005 год., со средна вредност на подобрување кај 40% од пациентите. Целосното опоравување од СХЗ е ретко, во просек само 5-10% од пациените подлежат на тотална ремисија.

Д-р Памела Илиоска е родена на 13.11.1985 год. Основното и средното образование го завршува во Македонски Брод. Дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје во 2010 година со среден просек 9.97. За време на средното образование учествува во бројни проекти, дебатни кампови и натпреварувања во организација на Младинскиот Образовен форум, School Connectivity Project и E-School Project. Меѓу нив посебно се издвојуваат: учеството на Интернационалниот конгрес на Southeast Europe School Connectivity Project во организација на Catholic Relief Services и едномесечниот престој на Towson University, Балтимор, Мериленд (јули, 2003), како дел од SEEYLI (The South East Europe Youth Leadership Institute)/ програма на американскиот Стејт департмент во соработка со Институтот Отворено Општество и IDEA. За време на студиите учествува на неколку семинари и конгреси, меѓу кои е и освоеното 3-то место на 31-от Интернационален Медицински Научен Конгрес за усна презентација на темата " The onset and prognosis of the hepatorenal syndrome". Во јули-август 2009 година остварува едномесечен престој на одделот за кардиологија на Првиот Карлов Универзитет во Прага, Р.Чешка. Во јануари 2011 год., во Белград, учествува на тренинг модулот за " Scientific writing and publishing" во рамките на проектот Focus-Balkans. -Овој интернет портал е пријатно освежување за интернет страниците потпишани од македонски креатори, кој несомнено изгледа како светските сајтови за e-health или е-medicine. Убаво е чувството кога гледате млади колеги кои се залагаат за промоција на здравствената култура во Македонија, зашто една од основните работи во животот е да се биде добро и навремено информиран. Уметноста на живеењето е во секој од нас, a секојдневна потреба е да се има образование со широки погледи. Затоа, читајте доктори.мк и не заборавајте да примените некој од многуте корисни совети ! :)