Револуционерно отстранување на кариес со ензимски папаин гел

0

Современата стоматологија, следејќи ги тековните медицински трендови, започнува да се ориентира кон минимално инвазивни интервенции, зачувувувајќи ги ткивата и промовирајќи реминерализација на тврдите ткива. Тековните клинички пристапи бараат зачувување на забната структура, продолжувајќи ја функцијата на третираните заби во текот на животот.

Така познатиот лидер во превентивната стоматологија Мајлс Маркли, своевремено ја кажал познатата мисла: „губењето, дури и на мал дел од човечкиот заб, треба да се смета за сериозна повреда, а целта на стоматологијата треба да биде зачувување на здравиот и природен заб. ”

Од средината на осумдесеттите години, престижниот научник Френкен, кој е креатор и промотор на АРТ – Атрауматски реставративен третман, започнал со промоција на отстранување на кариозното забно ткиво преку употреба на исклучиво рачни инструменти. При изведување на АРТ се зачувува виталниот дентин, кој се реминерализира и регенерира, со што преку минимално инвазивна интервенција се формира кавитет и се зачувува здравата пулпа.

Овој пристап предизвикува помала вознемиреност кај пациентот, бидејќи се избегнува бучава и вибрации во работното поле, и во многу случаи, не е неопходно да се употреби локална анестезија.

По објавувањето на истражувањата што ја потврдија ефикасноста на оваа метода на работа, Светската здравствена организација (СЗО) и Интернационална дентална федерација (ФДИ ) веќе ја препорачуваат во националните програми за јавно здравје бидејќи е безбедна и сигурна за употреба.

Паралелно на овие случувања, одредени производители на хемиски производи започнуваат со производство на препарати за отстранување на кариозен дентин, кои би ја олесниле работата на клиничарот.

Па така уште во 1970 година започнува да се употребува хлорот, познат по својата висока протеолитичка активност, но во исто време тој се опишува и како неспецифичен, нестабилен, бара долго време за работа, предизвикува иритација и токсичност на пулпата. Последователно, се појавуваат производи, врз база на натриум хипохлорит збогатени со агрегати, кои се со докажана селективност и безбедна применливост.

Ензимите се биолошки супстанции присутни кај сите живи суштества, кои исто така се додаваат на производи кои делуваат селективно на отстранување на заразеното ткиво. Неговото прво појавување во стоматологијата потекнува од познатиот ендодонт, д-р Харлам од САД, кој ја демонстрирал можноста на соединението да го отстрани некротичното ткиво во коренските канали на почетокот на минатиот век.

Десетици години подоцна научниците од Аргентина создоа уникатен производ – ензимски гел, кој за разлика од традиционалните решенија засновни на папаин (ензим од папаја), во својот состав има био-енкапсулиран папаин. Овој гел предизвикуваат поефикасно отстранување на кариесот преку протеолиза на колагените инфектирани влакна.

Папаинот е ендопротеин, сличен на пепсинот кај човекот, кој има бактерицидно, бактериостатско и антисептичко својство. Неговата посебна E.Б.Е. технологија (енкапсулирана-буфер-емулзија) обезбедува реципроцитет во односот ензим – пациент, што значи дека на самиот ензим не влијаат надворешни фактори како плунка, pH и температура.

Исто така оваа технологија не предизвикува било каква раздразливост или воспаление на живите ткива како што се кожа, очи, ткива во устата. Оваа селективност се препишува на присуството на анти-трипсини во виталните ткива кои ја успоруваат ензимската дигестија зачувувајќи ги колагените влакна.

Папаинот е исто така посредник кој го олеснува разграничувањето меѓу афектираниот кариозен дентин и здравиот дентин преку негово омекнување, дезинфекција и намалување на воспалителниот процес. Понатаму, со селективно отстранување на размекнатиот дентин со рачни инструменти (екскаватори на дентин), со атрауматски реставративен третман, се добиваат минимално инвазивно формирани кавитети.

Овие методи на комбинација од хемиски методи и минимално инвазивни техники на отстранување на кариес се нарекуваат хемомеханички методи на елиминација на кариозен дентин, и истите се особено ветувачки во делот на детската стоматологија, аксиозни пациенти и кај медицински компромитирани пациенти.

Со елиминирање на потребата од употреба на ротирачките инструменти и анестезијата, овој гел ја подобрува целокупната атмосфера на работа при изведување на интервенцијата.

Предноста кај овој гел е дека повеќе заби може да се третираат истовремено, со што се намалува должината на посетата и вознемиреноста кај истите.

Д-р Бојан Ангеловски
Д-р Бојан Ангеловски е роден во Скопје на 27.11.1988 година. Основно образование има завршено во ОУ Васил Главинов во Скопје, а матурира со одличен успех во 2007 година во средното медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов” - Скопје на отсекот забни техничари. Истата година се запишува на Факултетот по Стоматологија “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а дипломира во јуни 2012 година со просек од 9.3. Од својата прва година на факултет, па до завршување на студиите е добитник на државна стипендија за талентирани студенти од Министерството за образование и наука. За време на студентските денови учествува на меѓународни конгреси со теми од областа на стоматологијата. Моментално е лиценциран доктор по стоматологија и член на Стоматолошката комора на Р.С.Македонија. Во 2019 година се запишува на специјалистички студии по детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје каде успешно ја обавува својата специјализација и пракса. Посетува бројни лиценцирани курсеви и обуки како во областа на стоматологијата, така и во делот за личен развој, во државата и странство. Одлично говори англиски, германски јазик и српско-хрватски. Во слободното време ужива во пријатно дружење со пријателите и семејството, возење велосипед, книга, планинарење итн. Со своите совети во областа на детската и превентивна стоматолгоија ќе допринесе читателите на овој сајт да се ги разрешат сите дилеми кои ги имаат во врска со оралното здравје на своите најмили.