Инвазија на летечките тигри

Уште не ни свикнавме на неканетиот невидлив гостин, а мораме да се соочиме со уште еден, неканет, ама видлив… И агресивен и крвожеден! Летечкиот тигар! Тигрестиот комарец! Со латинско име Аеdes albopictus! Му прилега името – ем крвожеден, ем со тигрести шарки по телото! И двојно опасен: ем боде и предизвикува неподнослив јадеж, ем може да биде потенцијален пренесувач на опасни вируси (колку и да е последново само теоретски ризик кај нас)!

И тој е нов на овие простори. И тој е по потекло од Истокот (тропските и суптропските области на Југоисточна Азија). И се рашири благодарејќи на интензивниот меѓународен сообраќај.

Освојувачкиот поход го почнува во средината на шеесетите години од минатиот век и досега е идентификуван на сите континенти. На тлото на Европа стапнува во Албанија во 1979 и оттогаш се шири низ Медитеранот и цела Европа.

Во Македонија (Југоисточниот регион) е идентификуван во 2016 година, од страна на
ентомолошкиот тим на ЦЈЗ Скопје. Денес сигурно е раширен низ целата држава. За Скопје и околните населби знам дека деновиве имаме инвазија на малиов натрапник.

Доволни се (буквално) не повеќе од пет минути да сте на отворено, за да заработите 2-3-5 убода! За разлика од повеќето видови комарци присутни кај нас, кои се активни само во раните вечерни и раните утрински часови, овој е активен и боде цел ден.

Аеdes albopictus може да ги надвладее, па дури и да ги ерадицира другите видови комарци со слични живеалишта (хабитати) за размножување, од самиот почеток на неговиот освојувачки поход. Се храни со крвта на широк спектар домаќини (не само човекот, туку и животни и птици).

Се развива во најразлични вештачки легла, а за развој му е потребна многу мала количина на вода. Вештачките легла на комарците се разновидни и многубројни: отворени контејнери со вода во дворовите и градините (кофи и буриња), разни предмети во дворот и околината каде се акумулира дождовница, автомобилски гуми оставени на отворено, затнати олуци, вазни, вода во тацните под саксиите со цвеќиња, насобрана вода на непропустливи подлоги, на депонии со ѓубре, неодржувани езерца и фонтани, базени и разни други акумулации на вода.

Развојниот циклус на комарецот на летни температури трае приближно пет дена, што значи дека новите комарци постојано се развиваат во околината. Честите дождови, заедно со високите температури, влијаат на создавање на бројни легла, а значајна улога играат граѓаните кои многу често, преку невнимание, небрежност и незнаење, создаваат легла на комарци во дворовите и градините со нивните секојдневни активности.

Кои болести може да ги пренесе?

Аеdes albopictus е епидемиолошки важен вектор за пренесување на многу вируси, вклучувајќи вирус на жолта треска, денга треска и треска чикунгуња, како и неколку паразити (Nematodes).

Тој може да биде домаќин и на вирусот Зика и се смета за потенцијален вектор за
пренесување на Зика кај луѓето. Европа веќе доживеала неколку епидемии на треска Чикунгуња (Франција и Италија 2007 и 2010) и Денга треска во Франција и Хрватска (Пељешац), 2010.

Климатските промени со високи температури и влажност во нашата умерена континентална зона фаворизираат ширење на комарци и тропски заболувања. Сепак, епидемиолошките ризици се ниски, имајќи предвид дека на комарците не им се на располагање секој ден болни од гореспоменатите вирусни заболувања, кои би претставувале извори на зараза.

Како да се отстранат леглата на комарците?

Најважна е улогата на заедницата во превенцијата на ширењето тропските комарци и
дезинсекција на ларвите, која мора да се спроведува во целата земја, а не само во одделни региони! Како? Исклучиво со аеро-запрашување со ларвицидни средства – средства кои ги уништуваат ларвите на комарците!

Запрашување со средства кои делуваат само на возрасните единки САМО ПРИВРЕМЕНО го решаваат проблемот! Но, проблем може да претставуваат, запоставени, влажни и бујни приватни имоти и неодржувани базени, каде комарците можат да се репродуцираат без контрола.

Како граѓаните сами можат да си помогнат?

Со одговорно однесување, граѓаните можат значително да го намалат бројот на комарци во својата околина. Неопходно е да се отстрани водата што може да стане легло на комарци. Тие најчесто летаат околу местото каде што се изведени.

-Да се отстранат непотребните предмети и контејнери во кои се акумулира вода: кофи, тегли, играчки, исфрлени предмети, автомобилски гуми и други видови контејнери.

– Редовно (еднаш неделно) да се празни или да се менува водата во садовите што се во употреба и задржуваат вода.

– Да се затворат резервоарите за вода во дворовите и градините со капак, густа мрежа или фолија.

– Да се стави песок или земја во вазни со цвеќиња во гробиштата, да се заменат природните цвеќиња со вештачки.

– Прописно да се отстранува крупниот отпад.

– Редовно да се одржуваат базените на отворено, украсните езерца и фонтани.

– Да се одржуваат во исправна состојба системите за одводнување, дренажа и собирање на вода (олуци, улични сливници, канализација).

– Церади и тенди да се поставуваат на таков начин, што да не може да се задржува вода во нив.

– Прописно да се чуваат гумите во вулканизерските дворови:

– редовно да се отстрануваат неискористените гуми,

– да се исцедува водата од гумите, тие да се редат во облик на пирамида и да се покријат со непропустлива фолија, така што на фолијата да не се задржува вода.

– Да се одржуваат септичките јами, да се чуваат правилно затворени.

– Да се одржуваат зелените површини и градини. Како да се ​​заштитиме од каснувања од комарци?

– Да се заштитат прозорците и вратите со мрежи за инсекти и завеси или мрежи над креветите.

– Да се носи облека со светла боја, долги ракави и долги панталони.

– Да се користат средства за одбивање на комарците, т.н. репеленти, достапни во секоја аптека.