„BURNOUT“ СИНДРОМ кај лекарите – психофизичка исцрпеност од професионална природа

0

Во услови на алармантна стапка на лекари кои страдаат од т.н „Burnout“ синдром, состојба на психофизичка исцрпеност предизвикана од режимот на работа, стотици клиники на интернационално ниво ги редизајнираат своите практики, со цел подобрување на квалитетот на здравствената заштита во иднина. Целта е животот на лекарите од примарната здравствена заштита да се направи повторно пријатен како некогаш.

Дваесет и три од овие клиники се профилираа во извештајот објавен во месец мај во списанието „Annals of Family Medicine“, извештај кој ги опишува иновациите во праксата со кои може да се намали хаосот, административното преоптоварување, несоодветната комуникација и претераната работа на компјутер што премногу често ја карактеризираат примарната здравствена заштита.

Овие клиники пронашле дека планирањето и закажувањето на посетите кај лекарот предвреме, делегирањето на повеќе задачи на медицинските сестри и техничари, секојдневното држење состаноци и користење на постојани налози за повторувачки работи, не само што го подобрува задоволството на пациентите, туку исто така создава посреќни лекари.

Поголем фокус на задоволството на лекарите

Студијата на списанието „Annals of Family Medicine“ е само еден знак на зголемениот интерес за тоа како да се справат со нискиот морал на лекарите. Истражувачкиот проект е финансиран од страна на Фондацијата на Американскиот Одбор на Интерна медицина од Филаделфија, кој беше домаќин на конференција во март 2012 год. каде фокусот беше ставен на темата „Како работењето на иновации на протокот на работа може да ја подобри ефикасноста, а истовремено и привлечноста на примарната здравствена заштита како поле за работа на лекарите“.

Американската Медицинска Асоцијација, исто така, води екстензивен проект за тоа како да се подобри задоволство на лекарите во многу различни специјалности, а не само примарната здравствена заштита. АМА има склучено договор со „RAND Health“, така што истражувачите веќе имаат завршено речиси две третини од нивните предвидени посети на 30 ординации во шест држави, со цел да се утврди пружањето услуги и моделите за плаќање кои се поврзани со повисок степен на задоволство на лекарите.

„RAND Health“ е непрофитна истражувачка организација од Санта Моника, Калифорнија. Има за цел да ги подготви наодите и да ги испорача до АМА оваа година. АМА ќе го искористи истражувањето за да се помогне во развојот на алатки, фокусирани на секојдневната пракса, како и залагање за плаќање на лекарите по моделот на партнерство со институцијата, кој се покажал како најзадоволувачки и најпривлечен за лекарите.

„За сериозно да се сфати задоволство на лекарите не значи дека на лекарите треба да им биде угодено секое барање. Тоа значи дека треба да се создаде работна средина каде лекарите ќе бидат во можност да го стават пациентот на прво место“, вели д-р Френсис Кросон, координатор на иницијативата на АМА, воедно и потпретседател на „RAND Health“ организацијата.

Проектот на АМА за професионална исполнетост и задоволство е една од трите големи иницијативи најавени како дел од стратешките насоки во јуни 2012 година, вклучувајќи компетитивна грант програма со буџет од 10 милиони долари за иновативна медицина, едукативни курикулуми, како и мултимилионски повеќегодишни напори за подобрување на превенцијата на дијабет и контролата на крвниот притисок.

Помалку презафатени лекари

Според списанието „Annals of Family Medicine“, честа тема кај иновативните клиники за примарната здравствена заштита било фокусирањето на нега, базирана на тим, дизајнирана да го унапреди пружањето на медицинска нега и да ги ослободи докторите од обврски кои би можеле да бидат завршени од останатиот персонал. На пример, на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Јужен Илиноис, т.е. во т.н. Канцеларија на иднината на медицината, семејните лекари се поштедени од многу макотрпната работа со електронска документација. Наместо тоа, медицински асистент ги придружува пациентот и лекарот во собата за преглед и на електронски уред ги нотира забелешките и констатациите на лекарот за време на прегледот. Докторот потоа само го проверува и го потпишува медицинскиот извештај и евентуалната рецептура.

„На тој начин, јас можам само да продолжам да работам со следниот пациент. Целата медицинска документација е готова уште пред прегледот да биде завршен, а јас подоцна не морам повторно да направам многу од работите“, изјавува д-р Џозеф Ким, која работи во ординација сочинета од двајца лекари, а истовремено е асистент по семејна медицина. „Моето време со пациентот е 100% лице во лице. Без разлика дали тоа е 5, 10 или 15-минутна посета, тие добиваат подобра и поприватна услуга од лекарот“.

Во „Southcentral“ Фондацијата, здравствен систем со седиште во Енкориџ, Алјаска, која вработува 115 општи лекари во примарната здравствена заштита. Секој тим на лекар, медицински асистент, медицинска сестра или службеник е потпомогнат и надгледуван од експерт за бихевиоријална медицина со цел да им се помогне на пациентите со ментална болест или зависност. Истотака, секој член на овие „тимови за интегрирана заштита“ седи блиску еден до друг за да се олесни постојаната комуникација потребна за грижата за пациентот.

„На пример, холестеролот на пациентот е малку над нормалните граници. Дали кај тој пациент треба да биде закажана наредна посета да се преиспитаат лековите кои ги зема? Со предноста на седење блиску еден до друг, сестрата или службеникот може да добие брз одговор на прашањето од страна на лекарот и вие веднаш да добиете одговор, наместо непотребни јавувања, мејлови со упатства кои можат да останат неодговорени часови и часови“, рече д-р Стив Тирни, директор за унапредување на квалитетот во Фондацијата. Кај секој тим се мери колку добро ги исполнува целите во насока на подобрување на квалитетот на услугата, како што е процентот на вакцинација или односот на бројот на дијабетичарите со бројот на случаи на контролирани нивоа на гликоза во крвта, иако тие имаат автономија по однос на тоа како го изведуваат тоа.

„Ние ви кажуваме што е мисијата, но нема да ви кажеме како да го направите тоа“, вели д-р Тирни. „Се додека сте пронашле креативен начин да го направите тоа без да се прекрши законот, мене не ми е грижа. Севкупната стапка на задоволство кај вработените во фондацијата е 94%“, рече тој.

1 од 3 лекари е „потрошен“

Околу една третина од лекарите страдаат од исцрпеност во било кое дадено време, беше објавено на 15 април, 2003 година, во студија објавена во American Journal of Medicine. Речиси половина од докторите велат дека имаат барем еден симптом на психо-физичка исцрпеност, според национално истражување на повеќе од 7.000 лекари, објавено на 8 октомври, 2012 година од JAMA Internal Medicine, порано познати и како Архива на интерна медицина.

Нискиот степен на задоволство кај лекарите може да го деградира односот лекар-пациент и да доведе до напуштање на праксата од страна на лекарите. На пример, студија од февруари 2000 година, направена на 2620 пациенти од Бостон вклучувајќи ги и 166 интернисти кои ги лекувале, открива дека пациентите биле дури два пати позадоволни со грижата обезбедена од исклучително задоволни лекари во споредба со пациенти третирани од страна на помалку задоволни лекари. „Лекарите кои се „многу незадоволни“ се со повеќе од два пати поголема веројатност дека ќе се пензионираат предвремено и речиси четири пати поголема веројатност дека ќе го намалат бројот на нивните активни работни часови“, се вели во студија од март 2006 година на речиси 17.000 испитаници, објавена во списанието „Medical Care“.

 

Д-р Стјуарт М. Полак, лекар интернист, вели дека тој често размислува за неговата дневна рутина како огромен камион од депонија секојдевно да му истовара пред ординацијата се пред него, а тој полека со лопата го средува купот во остатокот од денот. Во една од другите клиники вклучени во истражувањето – „Brigham and Women’s Advanced Primary Care Associates“ од Јужен Хантингтон, во Бостон, тој товар е олеснет од страна на социјалните работници и фармацевти кои ги впуштаат пациентите во активности кои одземаат многу време, како што се решавање на психосоцијални пречки и усогласување на режимите на лекување.

„Секое утро станувам и сум возбуден што продолжувам со работа“, вели д-р Полак. Го правам она што го сакам, но го правам тоа на начин кој не доведува до физичка и емоционална исцрпеност. Тоа и понатака се 10 до 12 работни часа на ден, но си одам дома со чувство дека тоа е добро завршена работа.“

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-