РСВ инфекции среде лето – нормално ли е тоа?

РСВ е честа респираторна болест. Кај возрасните, генерално, произведува само многу благи симптоми, слични на настинка – но кај малите деца може да предизвика и тешки симптоми – со бронхопневмонија – па дури и смртни исходи.

Појавата на поголем број случаи кај нас и во некои земји во светот – Нов Зеланд, Австралија – се должи на еден феномен наречен „имунитетен долг“, кога луѓето не развиваат имунитет на други вируси потиснати од „локдауните“ за време на пандемијата на Ковид, предизвикувајќи експлозија на случаи, по релаксирање на мерките.

Тука може да се искористи метафората со шумските пожари: ако поминале година или две без пожар, се насобира повеќе гориво. Кога пожарот ќе се случи, тој гори многу пожестоко. Она што го гледаме сега значи дека се имаат насобрано многу осетливи деца кои го пропуштиле изложувањето на РСВ (и други респираторни вируси) – па сега се среќаваат со нив за прв пат.

Феноменот „имунитетен долг“ се јавува затоа што мерките, како „локдауни“, миење раце, социјално дистанцирање и маските, не се ефикасни само во контролата на КОВИД-19. Тие исто така го потиснуваат ширењето на други болести кои се пренесуваат на сличен начин, вклучувајќи грип, обична настинка и помалку познатите респираторни заболувања предизвикани од т.н. респираторен синцицијален вирус (РСВ).

Овој позитивен колатерален ефект е добредојден на краток рок, зашто го спречува дополнителното преоптоварување на здравствениот систем. Но, долгорочно, може да создаде проблеми: ако бактериски и вирусни инфекции не циркулираат меѓу децата, тие не развиваат имунитет, што може да доведе до поголеми или помали епидемии меѓу нив.

Недостатокот на имунолошка стимулација предизвикува „имунитетен долг“, што може да има негативни последици откако пандемијата ќе биде под контрола и ќе се отстранат јавно-здравствените мерки. Колку подолги се овие периоди на „вирусно или бактериско слабо изложување“, толку е поголема веројатноста за идни епидемии.

Обично, луѓето доживуваат скоро универзална изложеност на РСВ како деца, најмногу во првата година од животот.

Ако ја отстраниме изложеноста на одреден период, тогаш ќе имаме поголема група неизложени деца, и затоа, кога ќе се случи конечно да бидат изложени на вирусот, тоа може да предизвика помала или поголема епидемија.

РСВ е честа причина за зимска хоспитализација на деца. Причината што кај нас се појавија среде лето е што токму сега ги релаксиравме мерките. Тука мора да се спомне и фактот дека кон овој вирус се особено ранливи и старите лица и луѓе со компромитиран имунолошки систем.

Штом ќе се израмни долгот – децата ќе стекнат колективен имунитет – ќе прекине појавата на зголемен број случаи на инфекции со РСВ и други респираторни вируси и бактерии. Значи, причина за загриженост не постои!