„Мозочна магла“ (BRAIN FOG) во пост-ковид синдромот

Најчестите симптоми на КОВИД-19 се: покачена температура, кашлица, отежнато дишење и замор. Невролошките симптоми – оние кои го погаѓаат мозокот и периферниот нервен систем – учествуваат со околу 25 проценти. (1)

„Мозочна магла“ е невролошки симптом на кој болните од КОВИД-19 често се жалат. Во некои случаи, мозочната магла или когнитивното оштетување може да трае повеќе месеци откако ќе помине болеста.

Што е тоа мозочна магла?

Мозочна магла не е медицинска дијагноза. Тоа е општ термин што се користи за да се опише чувството на ментална забавеност, матност или отсутност.

Симптоми на мозочна магла се:

• проблеми со меморијата
• недостаток на ментална јасност
• слаба концентрација
• чувство на отсутност
• главоболки
• конфузија

Некои луѓе кои прележале КОВИД-19 страдаат од мозочна магла што трае неколку недели или дури месеци, откако исчезнале нивните други симптоми – кашлица, замор или покачена температура.

Зошто COVID-19 предизвикува мозочна магла

Истражувачите сè уште ја испитуваат потенцијалната причина за појава на мозочна магла кај луѓето кои имале КОВИД-19. Се смета дека улога може да играат физиолошки и психолошки фактори.

За САРС-КоВ-2 се смета дека се шири преку близок контакт со некој што има инфекција. Респираторните капки од инфицираниот можат да влезат во организмот преку носот, устата или очите.

Штом ќе се најде во организмот, вирусот влегува во клетките преку ензим наречен рецептор на конвертирачкиот ензим на ангиотензинот 2 (ACE2). Вирусот е невроинвазивен, што значи дека може да навлезе во мозочното ткиво.

Бројни студии (2) откриле дека некои луѓе кои имале КОВИД-19 развиваат компликации како што се изменета свест или енцефалопатија. Енцефалопатија е општ поим кој се однесува на оштетување или болест на мозокот.

Една студија (3) од јануари 2021 година открила зголемено ниво на воспалителни цитокини во течноста околу мозокот неколку недели по инфекција со КОВИД-19. Цитокините се молекули произведени од имунолошкиот систем кои поттикнуваат воспаление.

Воспалението во мозокот ја попречува можноста на невроните да комуницираат едни со други. Ова може да биде еден од факторите што придонесува за појава на мозочна магла.

Истражувачите, исто така, идентификувале микроструктурни промени во хипокампусот и други области на мозокот по прележување на КОВИД-19 (4). Тие веруваат дека овие промени исто така можат да придонесат за когнитивни нарушувања.

Други фактори кои можат да придонесат за појава на мозочна магла

Освен воспалението во и околу мозокот, постојат и други начини со кои КОВИД-19 индиректно може да доведе до мозочна магла.

Некои можни фактори се:

• слаб квалитет на спиење
• чувство на осаменост
• депресија
• зголемен стрес или вознемиреност
• промени во исхраната
• намалена физичка активност
• несакани ефекти на одредени лекови

Колку е честа мозочната магла?

Сѐ уште се работи на ова прашање.
Една неодамнешна анализа (5) покажала дека помеѓу 7,5 до 31 процент од луѓето доживуваат изменета ментална состојба како симптом на КОВИД-19. Сепак, оваа проценка била заснована на мали студии и може да не е применлива за поголема популација.

Друга понова студија (6) соопштува дека невролошките симптоми можат да бидат пораспространети отколку што првично се сметало и дека може да се појават кај 69 проценти од луѓето кои имале тешка клиничка слика.

Сѐ уште не е јасно зошто некои луѓе развиваат мозочна магла, а други не. Луѓето со тешка клиничка слика изгледа дека се изложени на поголем ризик (7) за развој на невролошки симптоми, отколку луѓето со лесна клиничка слика.

Тешки мозочни компликации (8), како што се делириум, конвулзии и воспаление на мозокот и околните ткива се најчести кај критично болни пациенти.

Колку трае обично мозочната магла?

Сè уште не е јасно колку обично трае мозочната магла после КОВИД-19. Некои луѓе се жалат на мозочна магла со недели или месеци, откако ќе им поминат респираторните симптоми.

Една студија (9) објавена во декември 2020 година открила дека околу 28 проценти од луѓето имаат долготрајни проблеми со концентрацијата повеќе од 100 дена по хоспитализација заради КОВИД-19.

Во друга студија (10), истражувачите откриле дека од 60 пациенти кои се опоравиле од КОВИД-19, 55 проценти сè уште имале невролошки симптоми три месеци после болеста. Тие симптоми биле:

• промени во расположението
• замор
• главоболки
• визуелни нарушувања

Третман на мозочната магла предизвикана од КОВИД-19

Засега, најдобриот третман е да се применуваат здрави навики на живеење. Следниве совети можат да помогнат во јакнење на менталните функции:

• Многу спиење. Квалитетниот сон може да му помогне на организмот да се поправи и да се опорави.
• Редовно вежбање. Физичката активност не е корисна само за срцето и белите дробови, туку е и одличен начин за зајакнување на мозочните функции.
• Добра исхрана. Потребна е добро балансирана, здрава исхрана.
• Избегнување тутун и алкохол. Тоа може да помогне во минимизирање на воспалението во мозокот.

Истражувачите продолжуваат да ја разгледуваат потенцијалната корист на стероидите за намалување на воспалението на мозокот, што би можело да помогне во подобрување на когнитивните функции.

Инаку, би требало да се побара лекарска помош (невролог), ако менталните симптоми се толку тешки. што пречат во секојдневното живеење или ако не се подобруваат по неколку недели.

Референции:

1. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC7798003/
2. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC7273036/
3. https://www.cell.com/cancer-cell/fulltext/S1535-6108(21)00051-9
4. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC7533666/
5. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC7889402/
6. https://www.cell.com/cancer-cell/fulltext/S1535-6108(21)00051-9
7. https://jamanetwork.com/journals/jamaneurology/fullarticle/2764549
8. https://www.cell.com/cancer-cell/fulltext/S1535-6108(21)00051-9
9. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC7445491/
10. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC7527190/

Делумно преземено и преведено од healthline.com