Што е примарна здравствена заштита и зошто е толку важна за здравјето на населението

Секој здравствен систем е организиран на три нивоа:

– Примарна здравствена заштита (ПЗЗ) – ниво на прв контакт на граѓанинот, семејството и заедницата со системот на здравствена заштита.

– Секундарна здравствена заштита – ниво на кое се остварува специјалистичка и болничка здравствена заштита.

– Терцијарна здравствена заштита – ниво на кое се остварува супспецијалистичка здравствена заштита, едукација на кадрите, научно-истражувачка работа.

Темел на системот претставува примарната здравствена заштита. ПЗЗ се организира и спроведува на подрачјето на секоја општина. Таа е ниво на првиот контакт на корисниците со системот на здравствена заштита, за обезбедување на основните здравствени потреби на поединецот, семејството и заедницата во целина.

Тој прв контакт пациентот го воспоставува со лекарот од општа медицина (избраниот или т.н. матичен доктор), кој мора темелно да ја познава националната патологија и патологијата на подрачјето, односно популацијата што ја згрижува. Покрај лекарот од општа медицина, во наши услови се вклучени и некои специјалистички профили заради подигање на стручното ниво и квалитетот на работата на ПЗЗ.

Матичните доктори имаат основна професионална мисија да се грижат граѓаните, кои се запишани кај нив да го сочуваат своето здравје. Англичаните велат, „to care not to cure“ („да се грижат /за здравјето/, а не да лекуваат /изгубено здравје/).

Како да се грижат? Од една страна, тие треба да ги подучуваат граѓаните како здраво да живеат, што подразбира здрава исхрана, откажување од лошите навики (пушење, пиење алкохол), редовна физичка активност и од друга страна, да спроведуваат специфична едукација за факторите на ризик за одделни заболувања. Матичниот доктор како основно средство за работа треба да го има говорниот апарат!

Значи, исполнување на својата професионална мисија нему не му се потребни скапи апарати. Оттука произлегува дека нивото на примарната здравствена заштита чини најмалку пари, споредено со секундарната, односно терцијарната здравствена заштита.

Меѓутоа, тој не смее само пасивно да седи во својата ординација и да чека пациенти! Мора да направи план за редовна посета на граѓаните (семејствата) во нивните домови, на своја иницијатива, но и на нивно барање. Мора да стане надворешен член на секое семејство, кој ќе ја познава здравствената состојба на сите членови, нивниот стил на живеење, лошите навики, меѓусебните односи во семејството, евентуалното постоење на конфликти, социјално-економската состојба, станбените услови… итн.

Тој мора одлично да се запознае со сите членови во семејството, да ја стекне нивната доверба, за да може да идентификува експозиции на одредени фактори на ризик асоцирани со настанување на одделни болести и нарушувања на здравјето.

Зошто е тоа потребно? За да може своите “проповеди” да ги насочи што попрецизно кон прекинување на ланците на експозиција кон одредени конкретни фактори на ризик.

За таа цел, докторот не смее да биде само добар познавач на медицината. Тој мора да биде изградена, зрела и стабилна личност, со здрави лични навики, широка општа култура, познавач на психологијата, филозофијата, уметноста, религијата, политиката… со еден збор, да биде врвен интелектуалец! Понатаму, мора да биде трпелив, добар и толерантен слушател.

Докторот мора да стекне авторитет кај граѓаните кои ги згрижува, за да му веруваат на неговите „беседи“, односно, да ги послушаат неговите совети.

Матичниот доктор треба да игра улога на „пастир“, кој деноноќно бдее над своето “стадо”! Звучи утопистички? Воопшто не!

Тајната на постигнување добро здравје на населението лежи во квалитетната примарна здравствена заштита, затоа што матичните доктори таму се во непосреден контакт со граѓаните и имаат задача СÈ УШТЕ здравите граѓани да ги зачуваат здрави! И тоа само со „беседење“! Што е далеку поефтино од лекување на болен граѓанин…
Значи, матичниот доктор постојано да спроведува:

– Континуирано следење и проучување на здравствената состојба на населението и одредени ризични групации;

– Унапредување на правилната исхрана, хигиенско снабдување со чиста вода и други основно хигиенски услови на живеење, проучување на влијанието на околината врз здравјето и здравствената состојба на населението и преземање мерки за отстранување на неповолните влијанија врз здравјето, како што се мерки за зачувување и унапредување на човековата околина и здравјето на населението;

Секако, матичниот доктор мора да дава и одредени здравствени услуги на граѓаните кои ќе имаат потреба за тоа, во рамките на она што се нарекува „основен пакет на услуги“ (basic benefits package).

Ако примарната здравствена заштита е функционална и ефикасна, т.е. ако матичните доктори успешно ја извршуваат својата улога на „чувари на портите“ (gate keepers) кон повисоките нивоа на здравствена заштита (секундарното и терцијарното) и ако пропусноста на пациенти се намали од сегашни 36% на 10%, се проценува дека на нивото на ПЗЗ ќе се задоволуваат 80-85% од сите здравствени потреби на населението, што значи дека ќе бидат трошени помалку средства од ФЗО за лекување во секундарното и терцијарното ниво.

И обратно, ако примарната здравствена заштита функционира инсуфициентно, портите кон повисоките нивоа ќе бидат ширум отворени, ќе настане навала на пациенти кон нив, што ќе доведе до енормно (непотребно) оптеретување на ФЗО. Тоа ќе има неизбежен негативен ефект врз квалитетот на здравствените услуги во секундарното и терцијарното ниво.

Од сево погоре кажано, јасно е дека примарната здравствена заштита е основата на еден здравствен систем. Таа ја претставува основата на пирамидата на здравствената заштита, а на неа се надоврзуваат сегментите на секундарната и терцијарната здравствена заштита (види слика).

Очигледно е дека колку е поширока базата на пирамидата, толку преостанатите два сегмента се потесни – и обратно.