Збогум на пелените

0

Одвикнувањето од пелените претставува голем чекор за детето кон самостојност и независност. За многу родители тоа претставува многу комплициран период па многумина од нив се обидуваат на секаков начин да го одвикнат детето од пелени. Повеќето деца се подготвени на овој чекор помеѓу 18 и 24 месеци.

 

Нокширче

Во периодот кога детето открива нови идеи и прифаќа нови работи, потребно е да го однесете на купување на нокширче, кое ќе му дозволите само да си го избере. Само со тоа ќе му дадете до знаење дека тоа е само негово. Доколку детето има, можете да му купите нокширче со неговиот омилен лик, или пак да залепите сликичка која ќе симболизира дека тоа само нему му припаќа. Објаснете му ја постапката на седнување на нокширчето, дека е потребно да ги соблече панталончињата пред седнување и да седне без пелена. Дајте му време да се навикне на тоа.

Охрабрете го

Објаснете му дека мама и тато го прават тоа секој ден, облекувајте го во алишта кои лесно може да ги соблече. Неколку пати обидете се и вие сами да му ја покажете постапката како вие тоа го правите, бидејќи децата учат гледајќи и ги повторуваат постапките на своите родители. Секогаш пофалете го кога ќе седне на нокшир без разлика дали ќе изврши нужда или не. Направете го адаптирањето на нокширче интересно за него.

Постапка

Може да биде многу корисно доколку му ја објасните на детето постапката каде оди неговиот измет. Затоа одведете го до нокширчето, испразнете ја пелената во истото, а потоа фрлете го во WC школката и дозволете му на детето само да пушти вода. Потребно е уште од мали нозе да му создадете хигиенски навики. Речиси на секое дете може да му се случи незгода во период на навикнување на користењето на нокширчето. Не лутете се и не казнувајте го, туку објаснете му дека следниот пат треба да користи нокшир.

Незгоди

И покрај тоа што детето може многу добро да напредува при користењето на нокширчето преку ден, може да се случи да има проблем при навикнувањето на користење нокшир ноќе. Можете да му помогнете доколку не му давате толку многу течности по 18 часот и доколку пред спиење му создадете навика да користи нокшир. Проверувајте го во текот на ноќта дали е мокро. Доколку успеало да создаде навика, направило голем чекор, па затоа дајте му до знаење за неговиот успех – наградете го.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

-Софија Тодоровска е родена на 04.05.1985 година во Скопје. Средно училиште завршила во ДСМУ Д-р Панче Караѓозов, отсек медицинска сестра. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2010 година и се стекнува со титулата дипломиран доктор по општа медицина. Учесник е на повеќе конгреси и семинари и активно ги следи новостите од областа на медицината. Одлично го познава англискиот јазик, а има познавања и од француски и шпански јазик -Доктори.мк е одличен сајт кој овозможува добра едукација на пациентите од сите области на медицината, а истовремено ги следи и сите најнови истражувања со што овозможува да се согледаат многу интересни факти за здравјето. Драго ми е што сум дел од тимот на Доктори.мк.