Нарушувања на говорот и јазикот кај лица со аутизам

Аутизмот претставува первазивно развојно нарушување кое се дефинира со постоење на абнормален или оштетен развој што се манифестира пред третата година од животот со карактеристичен облик на патолошко функционирање во сите три области на социјалните интеракции, во комуникациите и со повторувачко однесување.

Аутизмот претставува первазивно развојно нарушување кое во денешницата се почесто се среќава и влева страв кај родителите. Поради тоа, потребата јавно да се говори за аутизмот е повеќе од очигледна.

Причини за појава на аутизмот

Аутизмот нема една единствена позната причина поради која тој се јавува. Можат да се појават повеќе причини кои не мораат да бидат исти кај сите деца. Во литературата, според голем број автори и голем број истражувања, како можни причинители за аутизам се наведуваат генетски состојби (зголемена преваленција на аутизам кај идентичните во однос на неидентичните близнаци, ретки генетски состојби како туберозна склероза и фрагилен Х хромозом), вирусни инфекции (херпес енцефалитис, рубела), метаболни состојби, синдроми на конгенитални аномалии и друго. Сепак, во најголемиот број случаи причината за појава на аутизмот е идиопатска, односно непозната.

Клиничка слика на аутизмот

Главните три карактеристики на аутизмот се:
– нарушување на социјалната интеракција;
– нарушување на говорната и гестовната комуникација;
– ограничено, стереотипно и повторувачко обносување.

Кај децата со аутизам се манифестираат нарушувања во: социјалната интеракција (недостаток на контакт со очи, недостаток на социјална насмевка, дефицит во внимание, повлеченост во себе, недостаток на емпатија), нарушувања во комуникацијата (недостаток или оштетен експресивен и рецептивен говор, ехолалија, лоша гласовна прозодија, инверзија на заменки), моторни нарушувања (нарушувања на фината и грубата моторика, доцнење во моторниот развој, потешкотии во координацијата), сензорни нарушувања (проприоцептивни и вестибуларни проблеми, хиперсензитивност, хипосензитивност), когнитивни нарушувања (недостаток на имагинарна игра, интелектуална попреченост, нарушувања на вниманието, тешкотии во учењето, потешкотии во решавањето на проблеми), бихејвиорални проблеми (автоагресија, агресија, нарушувања во спиењето, нетолеранција на храна), емоционални нарушувања (нарушувања во процесот на изразување и препознавање на емоции, нарушена емотивна регулација, недостаток и/или преизразеност на возбуда, депресивност, анксиозност), стереотипни и репетативни (повторувачки) однесувања и друго.

Дијагностика и третман на аутизмот

Раната дијагноза и раниот третман се од големо значење за аутизмот. Родителите, воспитувачите и наставниците се оние кои најпрво забележуваат дека детето се разликува во однос на другите деца и личи како да ,,живее во некој свој свет”. Потоа продолжува процесот на барање стручна помош и донесување на дијагноза.

Во процесот на дијагностика и третман се вклучени детски психијатар, доктор за аутизам, невролог, невропсихијатар, клинички логопед, генетичар, клинички психолог, специјален едукатор и рехабилитатор (дефектолог), оториноларинголог – аудиолог, како и други професионалци. Сепак, официјалната дијагноза за аутизам ја носи специјалист психијатар, доктор од областа на аутизмот и первазивните растројства.

Третманот на аутизмот не е ист за сите деца со аутизам. Планот и програмата за лицето со аутизам се креираат строго индивидуално, во однос на потребите и состојбата на пациентот. Генерално гледано, третманот е составен од медикаментозна терапија, логопедско-рехабилитациски третман, специјална едукација и рехабилитација, бихејвиорална терапија, психотерапија, музикотерапија, арт – терапија, терапија со држење, окупациона терапија, биомедицински третман, хелација, окупациона терапија, семејна поддршка и едукација, како и други видови терапии.

Нарушувања на говорот и јазикот кај лица со аутизам

Нарушувањата на говорот и јазикот се една од главните карактеристики на аутизмот. Кај лицата со аутизам говорно – јазичниот развој може да заостанува, да биде запрен после нормално појавување или пак воопшто да не се јави.

Проблемите се јавуваат во рецептивниот и во експресивниот говор, односно во разбирањето и изразувањето, застапено во сите облици на комуницирање. Говорот на децата со аутизам не е само забавен во развојот, туку е целосно поинаков од нормалниот говор и од говорот кај интелектуалната попреченост. Кај аутизмот обликот на развојот и употребата на говорот и јазикот се изразени поинаку.

Како нарушувања на говорот и јазикот кај аутизмот можеме да ги наведеме: оскудна вокализација, ехолалија (моментално или одложено повторување на поединечни зборови и фрази кои се веќе слушнати од околината), идеоглосен говор (неразбирлив говор за околината, освен можеби дел за мајката), монотон говор со нарушен ритам, нарушување на гласот и говорната фонација во интензитет, висина и боја на гласот, генерално нарушување на прозодијата, прагматски дефицити, идиосинкратична употреба на јазикот, проблеми со јачина на гласот, нарушувања на артикулацијата, пренагласена или опуштена артикулација артикулација со испуштање и изобличување на гласовите, појава на неологизми, неадекватна употреба на заменките, тешкотии во совладувањето на личното ,,Јас”, аграматизам, неразвиено или недоволно развиено внатрешно предвидување, недостаток или нарушен конверзациски говор, недостаток на спонтано говорно изразување.

Како дополнителни нарушувања на пишаниот говор можеме да ги наведеме нарушувањата на фината моторика, нарушувањата на графомоториката, нарушувањата на латерализацијата и координацијата, потешкотиите при читањето, пишувањето и цртањето.

Логопедско – рехабилитациски третман за аутизмот

Логопедско – рехабилитацискиот третман на аутизмот е исклучиво сложен и долготраен процес, кој е строго индивидуален и се насочува кон состојбата и потребите на пациентот.

Дел од вежбите кои се применуваат за време на логопедските третмани кај лицата со аутизам:

– вежби низ игра;
– вежби за визуелно и аудитивно привлекување на вниманието (визуелна и аудитивна перцепција);
– вежби за задржување на фокусот;
– вежби за фина моторика;
– вежби за груба моторика;
– вежби за визуомоторна координација;
– запознавање на лицевата и телесната шема;
– мелодиска терапија со пеење;
– терапија со цртање;
– вежби за разбирање на налогот ,,НЕ’’
– вербална стимулација;
– вежби за координација и латерализација;
– развој на системот на именки;
– вежби за развивање на гестот;
– вежби за развивање на симболичната комуникација;
– вежби за развивање на прагматичните аспекти на јазикот;
– воведување алтернативна и аугментативна комуникација;
– развој на системот на глаголи;
– поврзување на зборовите во поголеми целини;
– вежби за запознавање на емоциите;
– вежби за развој и употреба на сите видови и групи зборови;
– вежби за аграматизам;
– вежби за усвојување на броевите и буквите;
– вежби за развивање на пишувањето, читањето и цртањето;
– вежби за развивање на конверзациски говор;
– други вежби.

Други видови на терапии и вежби кои се применуваат кај аутизмот, а се изведувани од страна на логопед, дефектолог или други обучени професионалци се: ABA терапија, CPP метод, окупациона терапија, PECS метод, Brain Gym метод, сензорна терапија, терапија со јавање коњи (hippotherapy), неурофидбек третмани, PRT третман, Floortime и други.

Совети до родителите

Секој родител кој има дете со аутизам или друго первазивно растројство има потреба од совет и поддршка. Како совет до родителите потребно е да се упати:

– Добро едуцирајте што е тоа аутизам (первазивни развојни растројства), какви видови постојат и каков е нивниот третман;
– Не донесувајте предвремен заклучок за состојбата на вашето дете, врз база на информации од интернет;
– Прифатете ја состојбата на вашето дете;
– Побарајте стучна и навремена помош;
– Секогаш бидете најголемата поддршка за вашето дете;
– Не се разочарувајте, не гледајте проблем, гледајте решение;
– Адаптирајте го домашниот простор согласно потребите на вашето дете;
– СЕКОГАШ барајте од стучното лице програма за што да работите дома со вашето дете;
– Следете ги насоките кои ги дава вашиот логопед или специјален едукатор и рехабилитатор (дефектолог);
– Разговарајте и играјте си со вашето дете, на тој начин што ќе го запознавате со нови зборови (поими);
– Никогаш не инсистирајте детето нешто да каже со насоката ,,KAЖИ”;
– Користете го гестот како дел од вашата комуникација, на тој начин што совашата микика и гестикулација ќе му покажете најразлични емоции;
– Стимулирајте го преку асоцијации за одреден поим;
– Оттргнете го вашето дете максимално од модерна технологија (телефон, таблет, компјутер, телевизор…);
– Запознавајте ја околината преку имитирање на звуци и гласови;
– Искористете го своето слободно време и целосно посветете се на своето дете.

Како за крај би нагласил дека менаџирањето на аутизмот е најдобро ако се донесе рана дијагноза и се започне ран третман, изведен од страна на мултидисциплионарен стручен тим. Децата со аутизам треба да ги прифатиме како сите останати деца и да им ја понудиме максимално нашата љубов и помош.

Побарајте стручна помош на време! Сите заедно и стручно можеме многу повеќе за лицата со аутизам!

м-р.спец. Бојан Богдановски е клинички логопед – специјалист и магистер по специјална едукација и рехабилитација во областа на интелектуалната попреченост и аутизмот, кој своето стручно образование го започнува во областа на забната техника, а потоа и во областа на логопедијата и клиничката логопедија, на Медицинскиот факултет при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Магистерските студии ги завршува во областа на дефектологијата, односно специјалната едукација и рехабилитација, со насочување во областа на интелектуалната попреченост и аутизмот. Во својата секојдневна логопедска пракса работи со клиенти со аутизам, развојна дисфазија, афазија, посткохлеарна имплантација, постларингектомија, дислексија, дисграфија, пелтечење, артикулативни нарушувања, интелектуална попреченост и многу други состојби, кои одлично ги менаџира. Присуствува на голем број обуки, семинари, работилници, конгреси и конференции, во земјава и во странство.