Карактеристики на говорот кај децата со аутизам

0

Нарушувањето на јазикот и јазичниот развој се главна карактеристика на раниот детски аутизам. Јазичниот развој може значајно да заостанува или воопшто да не се јави, или може да биде запрен после нормалното појавување ( Rutter, 1972 )

Утврдено е дека 50% од децата со аутизам добро се социјализираат, но и дека во таа подгрупа многу остануваат без развој на говор до крајот на животот.

Диференцијалната дијагноза меѓу аутизмот и некои други облици на неразвиен говор , често е базирана на проценката на однесувањето.

Децата со тежок аутизам по правило никогаш не развиваат говор и не се способни да употребуваат какви било симболи. Нападите на бес, екстремно социјалната изолираност, третирањето на луѓето како да се предмети, може да се објаснат како екстремни потешкотии на децата со аутизам да им придадат одредено значење на предметите, луѓето и настаните околу себе.

Проблемот не е само во изразниот говор, туку и во разбирањето на сите облици на комуницирање – говорно, пишано, гестовно и кинестетично. Отсуството на креативната игра, тешкотиите во поврзувањето на низата настани и разбирањето на последиците, неспособноста за поврзување на настаните и планирањето, не упатува кон тоа дека децата со аутизам немаат развиено внатрешно предвидување.

Некои деца со тежок облик на аутизам имаат оскудна вокализација или повремено повторуваат поединечни зборови на кои не им го знаат значењето ( ехолалија )
Говорот на децата со аутизам не е само многу спор во својот развој, туку обликот на развојот и употребата на јазикот се изразени поинаку, пред се децата со аутизам покажуваат сериозни нарушувања во разните способности за кои се смета дека им претходат на јазикот.

Така изостанува социјалната имитација, имитативните игри на функционалната употреба на предметите, а посебно креативната игра, за која е потребен одреден степен на развиеност на внатрешно предвидување.

Децата со аутизам речиси секогаш покажуваат поголеми пречки во разбирањето на говорот. Понекогаш извршуваат многу едноставни наредби кои се дадени во склопот на познат социјален контекст. Предметот на разговор е строго ограничен и е многу ретко поврзан со минатото или иднината. На исти прашања, секогаш даваат исти одговори.

Goldfarb et all( 1972) ги наведуваат следните отстапувања во говорот и јазичното изразување на децата со аутизам:

• Нарушување на гласот и говорната фонација во интензитет, висина и боја на гласот

• Нарушување на ритамот со оглед на флуентноста, акцентот и интонацијата

• Нарушување на артикулацијата, која честопати е пренагласена, но може да биде и опуштена со испуштање и изоблучување на гласовите

• Нарушување на јазикот, како што се моментална или одложена ехолалија, персеревација ( повторување ), употреба на нелогизми ( измислени зборови ), аграматизам и неадекватна употреба на заменките

Децата со аутизам кои зборуваат, изгледа како механички да учат група зборови или фрази, а не креативна употреба на основните јазични правила. Во говорот на децата со аутизам многу често се јавува ехолалијата која може да биде моментална или одложена.

Ако на пример кажеме “ Денеска дада има роденден, мораме да и честитаме”, детето со аутизам може веднаш да ја повтори, или пак за неколку дена, па дури и за неколку месеци. На поставените прашања, исто така многу често одговара со истото прашање, или еден збор од прашањето го асоцира на некој друг одговор кој во оваа ситуација е потполно неадекватен. На прашањето што прави оваа мачка, покажувајќи му ја сликата со мачка која лежи во кошницата, детето може да одговори: “ Мачката лови глушец”

*Некои од децата со аутизам, способни се да усвојат многу богат речник и колекција на фрази и реченици. Сепак разговорот со нив наликува на разговор со магнетофонска лента или со компјутер. Говорот е монотон, безличен, недоволно модулиран, без емоционална ангажираност. Меѓутоа, во ситуации на вознемиреност, одбивање на некоја активност, или барање за задоволување на некои елементарни нагонски потреби, во гласот можат да покажат емоционални реакции.

Децата и возрасните со аутизам, без оглед на степенот на јазичната развиеност, покажуваат недостаток на спонтано говорно изразување и потешкотии во комуникативните способности.